Општина Богданци                                                                                          

Новости

Официјално почна изградбата на ветерниот парк „Богданци“

 

   Со поставување камен-темелник денеска и официјално е означен почетокот на изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Овој прв од ваков тип капацитет во земјава ќе обезбеди чиста енергија од обновлив извор, користејќи го ветерот како погонска сила.
   Проектот се очекува да профункционира за неколку месеци. Во првата фаза е предвидено да има 16 ветерници, моќност од 36,8 мегават-часови и годишно производство од 100 гигават-часови ветерна енергија. Ќе снабдува 15.000 домаќинства или вкупно 60.000 граѓани.
   - Со почетокот на овој проект почнуваме ново поглавје во енергетската стратегија и портфолио на Република Македонија. Ваквата тенденција е неминовно потребна ако се имаат предвид високите цени на нафтата како енергенс, ограниченоста на природните енергетски суровини и делумно искористениот хидропотенцијал во земјава, истакна премиерот Никола Груевски, пред поставувањето на камен-темелникот.
   Со изградбата на вакви паркови на ветерници, додаде, македонското стопанство ќе добие сигурен, обновлив, незагадувачки и долгорочен извор на енергија.
   Груевски напомена дека развојот на енергетскиот сектор е еден од основните двигатели на економскиот развој на секоја земја. Само државите кои долгорочно го имаат решено прашањето за снабдување со енергија, на ова поле се економски независни.
   - Владата преку државните енергетски компании постојано инвестира и работи на осовременување на системот на енергетска поврзаност, потрага по нови и обновливи извори на енергија, изградба на нови енергетски капацитети, како и на надградба и модернизација на постоечките, подвлече премиерот.
   Според генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски, турбините што ќе бидат вградени во ветерниот парк се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 мегавати, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата 93 метри.
   - Монтажата на овие ветерници ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност од 36,8 мегавати со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на паркот. Локацијата нуди можност во иднина да се постават дополнителни ветерни турбини кои би го заокружиле проектот со инсталирана моќност до 50 мегавати, рече Бошковски.    Моментно се работи на изведба на потребната инфраструктура и на придружните објекти преку договор со конзорциумот „Терна Сименс“ за изведба на патна инфраструктура, приклучен далековод, командна зграда и 20/110 киловолтна трафостаница. Почната е и подготовката на фундаментите на конкретните локации планирани за подигнување на ветерниците, како и проширување на трафостаницата „Валандово“ за поврзување на паркот на електроенергетскиот систем. 
 
   На поставувањето камен-темелник присуствуваше и германската амбасадорка Гудрун Штајнакер која во обраќањето изрази убедување дека од овој ветерен парк ќе произнесе значајна развојна енергетско-политичка порака.
   - Преку овој проект заеднички ќе докажеме дека ветерната енергија е реална опција во Македонија и дека може да се надминат сите логистички и регулаторни предизвици, рече Штајнакер.
   Паркот на ветерници што го реализира ЕЛЕМ, потенцира амбасадорката, јасно покажува колку е ефикасна соработката меѓу Македонија и Германија.
   Дел од средствата за изградба на ветерниот парк „Богданци“  се обезбедени преку кредит од Германската КФВ банка потпишан во април минатата година. За проектот чија вредност е 55,5 милиони евра КФВ обезбеди 32,9 милиони евра, а за останатите 22,6 милиони се сопствени средства на АД ЕЛЕМ.
   Согласно утврдената динамика, во наредните два месеца се очекува да пристигнат првите турбини и да почне нивната монтажа, а во последниот квартал од годинава паркот ќе влезе во електроенергетскиот систем на Македонија и ќе почне со производство на електрична енергија.
 
 

 

 

 

ДЕЛОВНИ ИНФОРМАЦИИ

ЛИНКОВИ

 

 

Културни настани

 

 

 

 
 
 
 
 
 
 
Број на гледања на артикли
981278

Посетители

1556244
Денес
Вчера
Оваа недела
Овој месец
Вкупно
1435
1620
9814
41443
1556244

Server Time: 2018-05-26 19:13:50
Joomla template by Joomlashine.com