Општина Богданци                                                                                          

Одбележан Светскиот ден за сеќавање на сообраќајните незгоди

  По повод Светскиот ден за сеќавање на сообраќајните незгоди, претпладнево (15.11.2013) во салата на Совет на Општина Богданци, Општина Богданци во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) одржа тркалезна маса на тема: „Како до помалку сообраќајни несреќи со фатални последици“.
   Покрај членовите на ОСБСП учесници на тркалезната маса беа Командирот на ПС при МВР Гевгелија, Илија Делев, претставници од сообраќајната секција при СОУ „Богданци“, вработени во Општина Богданци и медиуми.

   Според податоците коишто ги презентираше Митко Попов, вработен во Општина Богданци, на републичко ниво минатата година во земјава загинале 132 лица, а годинава во првите девет месеци 139 луѓе ги загубиле животите во сообраќајни несреќи. Најчести причини за сообраќајни незгоди на републичко ниво според статистиката се возење под дејство на алкохол, непочитувањето на правилата на првенство на минување, недржење правец на возење, непрописно свртување и непрописно престигнување.

   Според изводот на податоците за Општина Богданци кој го презентираше Командирот на ПЕ Гевгелија, Илија Делев бројот на случени сообраќајни незгоди селектирани по последици во нашата општина се следниве: Во 2011 година во населено место со материјална штета се случени 9, а со телесни повреди 2 сообраќајни незгоди; надвор од населено место во 2011 година со материјална штета 8, а со телесни повреди 11 незгоди, а на автопат/магистрален пат сообраќајни незгоди нема регистрирано. Во 2012 година во населено место се слушиле 9 со материјална штета и 2 со телесни повреди, надвор од населено место 3 со материјална штета и 3 со телесни повреди, а на магистрален пат и во оваа година не се регистрирани. Во 2013 година во населено место има 12 со материјална штета и 12 со телесни повреди, надвор од населено место 10 со материјална штета и 18 со телесни повреди, на магистрален пат повторно нема регистрирано сообраќајни незгоди.

  За голема среќа во сета ова статистика колоната за жртви од сообраќајни незгоди на територијата на Општина Богданци во периодот 2011-2013 година е празна бидејќи не е регистрирана ниту една жртва од сообраќајна незгода.

  Од дискусијата и поставените прашања на тркалезната маса произлегоа повеќе заклучоци и насоки за понатамошно дејствување со цел намалување на сообраќајните несреќи. Командирот на ПЕ Гевгелија повика за поголема соработка и анимирање на младината во превземање на активности со таа цел за која МВР секојдневно изработува активности и ги вклучува младите како активни учесници во истите. Заклучок беше и дека подрачјето на Општина Богданци има добра безбедносна состојба и кога има и кога нема жртви, имајќи го предвид фактот што низ нашата општина поминува транзитен пат. МВР секојдневно врши контроли на црните точки на територијата, изработени се оперативни планови за дејствување во летни и зимски услови по патната инфраструктура, се прави контрола на техничката исправност на возилата, се врши соработка со локални и републички субјекти,  а во план е во сообраќајните патроли да се вклучат  и граѓани од населените места. Исто така на тркалезната маса се посочија некои критични точки во Богданци каде треба да се одбележат пешачки премини, поставување на соодветни сообраќајни знаци и места за паркирање каде што се уште нема.

   Инаку најчеста причина за сообраќајни незгоди на територијата на Општина Богданци се непрелагодената брзина на возење, возење под  дејство на алкохол и непочитување на правилото за првенство на минување.

Нова кровна конструкција во детската градинка во Богданци

   Како итна мерка која произлезе од спроведувањето на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, од денес започнаа градежните активности за изолација на кровната конструкција  на детската градинка „Коста Поп Ристов – Делчев“ во Богданци. Проектот е  финансиран од УСАИД, а го спроведува Милиеуконтакт Македонија.
 
   Веќе неколку месеци наназад Општина Богданци е една од четирите општини во Република Македонија кои  се избрани да го спроведуваат овој проект.  Крајна цел е да се изработи  општинска стратегија за адаптација и справување со климатските промени.

  Во оваа итна акција за изолација на кровната конструкција на детската градинка во Богданци како  кофинансиер учествува и Општина Богданци. Партнери во проектот се Општина Богданци и Мрежата за рурален развој на РМ, а изведувач на проектот е градежната фирма ЦИВКОН од Скопје. Бенефитот е значително намалување на загубите на топлинска  енергија,  а со тоа и потрошувачката на фосилно гориво  и емисиите на стакленички гасови.
 
   Според  планираната динамика на изведувачките активности, неговата реализација  треба да заврши до крај на ноември 2013 година.
 

ПВЕ "Богданци" влегува во својата финална фаза

   Паркот на ветерни електрани "Богданци" влегува во својата финална фаза од изградбата, откако вчера од пристаништето во Солун преку граничниот премин Богородица почна транспортот на компонентите од кои ќе бидат изградени ветерните турбини.
 
  Станува збор за исклучително сложена операција затоа што за превоз на една ветерница, компонентите се распоредени во десетина огромни камиони, што формираат конвој подолг од еден километар. 
 
   Тежината на сите компоненти распоредени во камионите надминува 330 тони. Во по три камиони се распоредени перките за ветерницата и сегментите за столбот, во еден камион се пренесува гондолата, во еден наглавокот, а во два се распоредени помали парчиња. Најголема тежина има гондолата во која се наоѓа генераторот и овој товар тежи 85 тони. 
 
   Возилото со кое се превезува наглавокот што претставува компонента која ги спојува перките тежи 28 тони. Трите камиони што ги транспортираат перките се долги преку 50 метри, а секој носи товар од по 12 тони, а оние што се натоварени со сегментите за столб тежат по 50 до 60 тони. 
 
   „Во наредните денови ќе почне и монтажата на ветерницата, а паралелно ќе продолжат да пристигнуваат и да се монтираат останатите турбини на локацијата Ранавец кај Богданци. Согласно воспоставената динамика, ќе се транспортираат по две ветерници неделно, што како операција ќе тече во наредните два месеци, а ветерниот парк се очекува да биде ставен во функција во текот на првото тромесечје од наредната година“, вели Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.
   Турбините, производство на Сименс - Данска се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 МW, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. 
 
   Во мај годинава на локацијата Ранавец кај Богданци беше означен камен темелник и почеток на градежните активности на ПВЕ Богданци. До овој момент, завршена е изведбатата на потребната инфаструктура и придружни објекти за ветропаркот . Изградена е патна инфраструктура, приклучен далековод , командна зграда и 20/110 KV трафостаница, а паралелно тече ископот и бетонирањето на темелите за ветерниците. 
   Проектот „Богданци“ предвидува изградба на 16 ветерни електрани кои се очекува да испорачуваат околу 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на 60.000 граѓани на Македонија. 
 
   Истовремено тие ќе ја зголемат инстралирана моќност на АД ЕЛЕМ за 36,8 MW. Со овој проект ќе се зголеми и учеството на обновливите извори во производството на АД ЕЛЕМ. 
 
   Во овој проект вреден 55,5 милиони евра, заемот од Владата на Германија преку КФВ банката изнесува 47,9 милиони евра, додека 7,6 милиони евра веќе обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.
 
 

„Отворени денови за социјална заштита во рурални средини“ - Ѓавото

 
ИЗВЕСТУВАЊЕ
 
   Врз основа на Програмата  за спроведување на проектот „Отворени денови за социјална заштита во рурални средини“, ве известуваме дека Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјална работа – Гевгелија, заедно со Општина Богданци ќе одржат информативна средба која има за цел информирање на граѓаните за условите, начинот и постапката за остварување на права од социјалната заштита.
 
   Ги повикуваме жителите на населено место Ѓавото дека на ден 20.11.2013 година (среда) во 13.00 часот, во просториите на училиштето ќе има стручен тим за помош при решавање на социјалните проблеми на населението.
 
 
 
Општина Богданци
 

„Љубовна приказна“ од Драмско атеље СОУ „Богданци“

   

   Петокот 08.11.2013 со почеток во 19.30 часот во просториите на ООУ „Петар Мусев“ премиерно се изведе претставата базирана на „Љубовна приказна“ од Јукио Мишима. Преставата сеуште се оддржува во одредени термини за учениците од училиштата. Истата е во режија на Кире Ѓорѓиев и ја изведуваат Ели Минева, Мартин Крлевски и професорот пијанист Бранко Сапламаев од Драмско атеље СОУ „Богданци“ во соработка со Дом на Култура „Бранд Петрушев“.

 

 

 

ДЕЛОВНИ ИНФОРМАЦИИ

ЛИНКОВИ

 

 

Културни настани

 

 

 

 
 
 
 
 
 
 
Број на гледања на артикли
1090627

Посетители

1717576
Денес
Вчера
Оваа недела
Овој месец
Вкупно
1721
1719
3440
39321
1717576

Server Time: 2018-08-21 21:54:17

 

 

 

 

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Joomla template by Joomlashine.com