И оваа година во Стојаково се одржаа традиционалните првомајски трки каде со натпреварувачки дух, забава и хумор беше одбележан празникот на трудот. Станува збор за трки кои датираат од 1951 година кои ги организира Советот на месната заедница од Стојаково а кои привлекуваат и голем број посетители од околните градови.
Учесниците се натпреваруваа во неколку дисциплини: трка со коњи, магариња, трка на сто метри за јуниори и сениори во машка и женска конкуренција, скокање во вреќи, трка на 1.500 метри, трка на 3.000 метри, трка со велосипеди, борба на рака, влечење со јаже, работничка трка со колички. Во секоја категорија за најдобрите тројца натпреварувачи беа обезбедени парични награди а имаше и богата културно-уметничка програма.
На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и дополнителниот министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Голема благодарност до организаторот, Месна Заедница Стојаково кој под покровителство на општина Богданци и годинава успешно го организираше овој настан.