Се известуваат граѓаните на Богданци дека деновиве правното лице „Конструктор“ Скопје ќе започне со градежни активности со цел имплементација на проектот „Реконструкција на системот за водоснабдување во Богданци“.
Станува збор за договор вреден 250 милиони и 228 илјади денари или околу 4 милиони и 68 илјади евра склучен помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и изведувачот „Конструктор“, со кој во наредните три години треба целосно да се реконструира дистрибутивната водоводна мрежа во Богданци.
Со реконструкцијата ќе бидат опфатени сите 179 крака од водоснабдителната дистрибутивна мрежа во Богданци со реконструкција на постоечките шахти, хидранти. Паралелно ќе се изврши и замена на околу 2157 приклучоци-водомери со инсталација на нови, за далечинско отчитување на потрошената вода. Сето ова може да предизвика прекин на водоснабдувањето во деловите каде ќе се извршуваат овие активности, за што ги замолуваме граѓаните да наидат на разбирање.
Активностите ќе започнат од „Резервоарот“ во Богданци, дел од улица „Осоговски“, дел од улица „Дојранска“ и „Мирче Ацев“ до улица „Маршал Тито“.
За секоја наредна делница, пред да се започне со градежни активности со цел реалицација на овој проект, граѓаните ќе бидат дополнително известени.