Од Министерство за здравство известуваат дека согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, во следните седум дена почнувајќи од четврток 08.08.2019 година и се до 14.08.2019 година, територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.
Министерството за здравство согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови донесе препораки во кои се наведува да се ослободат од работните обврски најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, што особено се однесува на градежните работници.
Населението во целиот летен период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:
- Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
- Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
- Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
- Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
- При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
- Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.