Пред 79 години, на 10 октомври 1944 година Богданци ја дочека слободата. Со положување свежо цвеќе пред спомен бистите на паднатите борци кои загинале во воените дејствија за ослободување на Богданци, Општина Богданци го одбележа Денот на општината, 10-ти Октомври. На настанот присуствуваа градоначалникот Блаже Шапов, претседателот на Советот Борис Ванчев, претставници од Сојузот на борците и нивни продолжувачи, резервните воени старешини, претставници од општинските училишта и детската градинка и граѓани кои им оддадоа достојна почит на луѓето заслужни за нашата слобода. Особена чест и задоволство годинава ни претставува гостувањето на делегација од пријателската Општина Ѓаково, Република Хрватска.
Денеска празнуваме и чествуваме за храброста и делата на сите борци кои ги положија своите животи за слободен град. Пишаната историја го забележала овој датум како симбол за градење слободно, мирно и модерно Богданци.
По овој повод, во соработка со Сојуз на училишен спорт на Општина Богданци беа организирани и улични трки во Богданци за учениците од основните училишта и СОУ „Богданци“ во неколку категории, кои беа соодветно наградени. Празникот вечерва ќе се одбележи во ДК „Бранд Петрушев“ со свечена академија и мал коктел со почеток во 19.00 часот. Во градскиот парк Богданци со почеток во 20.30 часот продолжува музичкиот дел од програмата.
Нека ни е честит празникот 10 Октомври – Денот на ослободувањето на Богданци и 11 Октомври – Денот на македонскиот непокор!