И оваа година, Советот на месната заедница од Стојаково, под покровителство на Општина Богданци ќе ги организира традиционалните Првомајски трки. Станува збор за натпревари во неколку дисциплини, како и богата културно-уметничка програма што секоја година се одржуваат на Први мај во Стојаково-традиција што се негува од 1951 година и веќе 73 години е заштитен белег на жителите од ова населено место.
Со почеток од 09.00 часот, учесниците ќе се натпреваруваат во неколку дисциплини: трка со коњи, трка со магариња, трка на сто метри за јуниори и сениори во машка и женска конкуренција, скокање во вреќи, трка на 1500 метри, трка на 3.000 метри, трка со велосипеди, борба на рака, влечење со јаже, работничка трка. Oваа година се воведува нова трка, насловена како трка со јајца за лица над 50 години.
На првите три натпреварувачи во сите категории, ќе им бидат доделени парични награди.
Културно-уметничката програма со почеток од 15.30 часот ќе ја исполнат следните изведувачи: членовите на Играорната фолклорна група од Стојаково, која работи во состав на КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, танцовата група „ДИВА“, Оливера Станковска, група „Фрка“, група “Акварела”, група „Фониа“, Томе Капсаров-Брзи и неговата група и група „Трио Форте“. Почесен гостин: Игор Џамбазов.