Минатата недела Богданци беше домаќин на најголемите експерти од областа на биодиверзитет од Македонија. Девет реномирани професори од Институитот за биологија при Природно – математичкиот факултет од Скопје, како и претставници на Македонското еколошко друштво предводени од проф. д-р Митко Караделев на 1 јуни вршеа истражување на биолошката разновидност на место викано Болован. Во наредниот период преку различни методи за првпат во општина Богданци ќе се врши запис на разновидноста на видовите кои се присутни на оваа територија. Станува збор за истражување со кое ќе се добијат вредни информации и податоци за различните видови на животни, растенија, инсекти и габи кои се присутни во ова подрачје.
Во време кога во светот расте загриженоста за исчезнување на огромен број на видови и се преземаат најразлични методи и начини за заштита на биодиверзитетот, ова истражување во Богданци е од големо значење за природата и за заштита на видовите кои се застапени овде.
Преку пренамена на земјиште со дива природа во земјоделски, станбени и индустриски зони, преку најразлични загадувања уништени се огромен број на видови кај нас и во светот и за ова целосната одговорност е на човечкиот вид. Преку овие мали но значајни истражувања и можности за заштита на природата се прави значаен чекор во нагласување и зголемување на вредноста на биодиверзитетот.Преку оваа иницијатива, доколку се изврши прогласување на заштитено подрачје се отвораат можностите за развој на туризмот при што на тој начин ќе се придонесе и кон развој на општина Богданци. Се предлага заштитеното подрачје „Болован“ да добие статус на „природна реткост“ за што е неопходно да се изработи сериозна студија. Од тие причини во подрачјето од интерес беа анализирани растителните заедници, флората, габите, водоземците, влекачите, повеќе групи на инсекти и пајаци, како и акватичните без`рбетници. Анализите на составот на птици и цицачи (+ лилјаци) во подрачјето ќе се извршат во наредните денови. Во истражувањето учествуваше и експерт за пределна екологија, GIS експерт, а беше извршено и снимање на подрачјето со дрон. Сите овие информации се неопходни за изработка на студија која ќе се поднесе до Министерството за животна средина и просторно планирање и со која ќе започне процесот на прогласување на подрачјето во соодветна категорија на заштита. Интенција е ЗП „Болован“ да биде предадено на управување на Општина Богданци, со што придобивките од заштитеното подрачје ќе ги користат сите граѓани на општината.
Средба на градоначалникот на општина Богданци со професорите од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Фрагменти од шумата на Болован
Колекција и анализа на инсекти и пајаци од страна на проф. д-р Славчо Христовски (лево) и д-р Марјан Комненов (десно)
Колекција на ксилофагни инсекти -проф. д-р Александра Цветковска-Ѓоргиевска
Колекција на водени без’рбетници во Паљурска Река – проф. д-р Валентина Славевска Стаменковиќ
Проф. д-р Катерина Русевска: истражување на габи
Комитска погача на падната врба (горе) и жолта влажница (долу)